Истражувања на неколку објекти на археолошкиот локалитет „Стоби“
Римскиот театар, Јужниот бедем, Старата епископска базилика, се дел од објектите од археолошкиот локалитет Стоби, каде летово се работи на нивно доистражување и конзервација. По ковид пандемијата, зголемен е бројот на туристи кои го посетуваат „Стоби“...

Летово на археолошкиот локалитет „Стоби“ се извршуваат истражувања на неколку објекти, кои треба да дадат повеќе информации за градбите. Во тек се конзервација на архитектонските остатоци од резиденцијален и комерцијален кварт од рановизантиски период, доистражувања на Римскиот театар, археолошки доистражувања и конзервација на фрескоживопис од Старата епископска базилика.
Се работи и на илуминацијата на археолошкиот локалитет, што ќе овозможи ноќни посети на туристите, кои ова лето се вратија на локалитетот, по две години пауза поради ковид пандемијата. Сите проекти се реализираат со средства обезбедени од годишната програма на Министерството за култура. Тука се реализираат и меѓународни проекти, со цел Стоби да биде целосно истражен.
Летово на локалитетот „Стоби“ завршија и две меѓународни школи, кои ги посетуваа студенти од странство. Во јуни беше 10-тата меѓународната работилница за керамика, стакло и конзервација на мозаик, а во јули 11-тата меѓународна школа за археологија, дел од тренинг програмата за изучување на основните методи на археолошко ископување. И двете се организирани заедно со Националната установа „Стоби“ и Фондацијата Балканско наследство од Софија.
Петар Печков
