„Охридско лето“, македонски бренд со светско реноме
Иако во текот на летото во Охрид се одржуваат бројни забавни, културни и други настани, фестивалот „Охридско лето“ е нешто што се издвојува од нив и по квалитет, и по традиција и по значење. Тоа е манифестација по којашто Охрид е препознатлив во светот, отсекогаш била и ќе остане магнет за врвните уметници, но и за љубителите на сериозната музика и театарот…

Охрид во текот на летото покрај најголем македонски туристички центар, станува и културна престолнина на нашата земја за што голема заслуга има фестивалот „Охридско лето“.
Од неговите почетоци па се до актуелното 62-ро издание на манифестацијата во катедралата „Света Софија“ и на летните сцени, многубројната публика може да ги проследи настапите на реномирани и висококвалитетни уметници поради што Охрид се вбројува помеѓу европските културни крстосници. И ова лето фестивалот понуди богати содржини коишто се особено привлечни за странските и домашните туристи.
„Се радувам кога се случуваат вакви успешни фестивалски денови и сметам дека овој фестивал е многу значаен за нашата држава, како една културна традиција којашто се надевам ќе продолжи со ист ваков успех и интензитет“, вели Бисера Чадловска-музички селектор.
Охрид повеќе од шест децении е духовен дом на многу светски и домашни уметници што секако дава голем придонес за развојот на културниот туризам.
„Благодарение на „Охридско лето“, Охрид изминативе дваесеттина дена беше пристаниште на најдоброто од дома, на квалитетни театарски претстави, на микс на драмски стилови, сценски јазици, наративи со коишто покажавме дека театарската уметност дише, дише значајно, силно и здраво“, вели Сања Арсовска, драмски селектор.
Фестивалот не е значаен само за Охрид и нашата држава туку и за многуте уметници од светот, бидејќи настапите на уникатните сцени во градот и за нив претставуваат прекрасни доживувања кои долго ќе ги паметат.
Сашо Нелоски
