Во Куманово се одбележува Светската недела на доењето
Општата болница во Куманово ја одбележува Светската недела на доењето, иако лекарите посочуваат дека немаат проблеми со родилките, бидејќи тие прифаќаат да ги дојат новороденчињата. Велат ги советуваме дека мајчиното млеко е незаменливо првите шест месеци. Но и оваа установа, како и повеќе низ земјава, бележат пад на бројот на новороденчиња. Ако во минатото годишно се раѓале над 2.000 бебиња, сега за седум месеци се регистрирани само 499 новороденчиња...

Родилките од Куманово сакаат да ги дојат своите бебиња, велат од болницата, која од 2000 година е установа пријател на бебињата, под покровителство на УНИЦЕФ и Светската здравствена организација. Здравствените работници укажуваат дека постојано, не само од 1-ви до 7-ми месецов, кога се одбележува Светската недела на доењето, ги едуцираат мајките, дека мајчиното млеко е првата и најмоќната вакцина за новороденчето првите шест месеци.
„Во нашата болница мал процент на мајки одбиваат дури и тие што се двоумат се трудиме да ги едуцираме, мотивираме, не се сами во соба, имаат и друга мајка којашто веќе дои. А оние што имаат објективни причини, не можат да дојат од некоја друга здравствена причина им нудиме таблети кои ќе ја прекинат лактацијата“, вели д-р Лидија Јовчевска, раководител на акушерски оддел Општа болница Куманово.
Во кумановската болница во 2019-та години беше отворена „Роса школа за родителство“. Меѓутоа состојбата со пандемијата го спречи нејзиното функционирање.
„Со голем ентузијазам пристапивме кон тој проект, меѓутоа поради пандемијата бевме спречени. Сега повторно сме на идеа од септември, имаме обучено сестри кои ќе се занимаваат со тој проект и се надеваме дека со помош на матичните лекари кои ќе треба да ја препорачуваат школата“, нагласи Валентина Стојмировиќ, главна сестра Општа болница Куманово.
Но и во оваа болница, како и на ниво на земјава се намалува бројот на новороденчиња. За разлика од претходните години кога имаше над 2.000 раѓања, сега од почетокот на годинава бројот на новородени изнесува 499.
Од акушерскиот и гинеколошкиот оддел посочуваат дека располагаат со доволен број персонал, простории, и инструменти.
Елена Георгиевска
