Здравство

Тешко до преглед кај специјалист, нема термини за преглед

07.08.2022 13:55

Матичните лекари како на квизот „брзи прсти“. Ловат термини за нивните пациенти да ги прегледа специјалист. Велат, се чека и по неколку месеци.

Брзи прсти, среќа, сè е во игра за матичен лекар да закаже преглед кај специјалист. Иако, веќе неколку месеци одделите на секундарно ниво работат како пред короната, пациентите тешко доаѓаат до можност да се прегледаат на државен трошок. Доктор Асани од Куманово вели, тешко се закажува преглед во болницата.

„Последните четири години не сум фатил термин, има една опција приоритетен упат, но не ги примаат, сум интервенирал, хаос е“, вели д-р Фатмир Асани, матичен лекар Куманово.

И, претставничката на матичните лекари од Штип вели, имаме проблем за гранки за кои има малку специјалисти, а цела источна Македонија гравитира кон Штип. За ортопедија, кардиологија, офталмологија не може да се најде термин.

Овој проблем е актуелен години наназад, уште од време кога профункционира „Мој термин“.

Матичните се единствени во ставот дека надлежните сериозно треба да се зафатат со работа, да се види во кои области недостигаат специјалисти, да се задржат младите лекари во земјава, бидејќи чекањето и по пет месеци за преглед на секундарно ниво во иднина може да трае и подолго.

Наташа Јанчиќ Менковски