Руско-украински конфликт

Киев: Кривична постапка поради гранатирањето на нуклеарната централа во Запорожје

07.08.2022 14:10

Ескалацијата на борбите кај Запорожје го вклучи алармот во светот. Експерти предупредуваат дека нападите кај најголемата Нуклеарна централа во Европа може да имаат катастрофални последици. Меѓународната агенција за атомска енергија повика на итен прекин на сите воени активности во близина на комплексот...

Киев покрена кривична постапка поради гранатирањето на нуклеарната централа во Запорожје. „Русија врши нуклеарен терор, а Амнести интернешнал е пасивен и незаинтересиран“ – обвини претседателот Зеленски.

„Иако руското ракетирање на нуклеарната централа е едно од најопасните злосторства против Украинците и сите Европејци, против сечиј живот, од некоја причина, нема ни извештај ни забелешка од Амнести интернешнл за ова. Многу елоквентна тишина, која уште еднаш ја покажува манипулативната селективност на оваа организација“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Опасноста од каков било удар врз најголемата европска нуклеарна централа, којашто е меѓу најмоќните десет во светот, го вклучи алармот за тревога и во Меѓународната агенција за атомска енергија. Според некои проценки, доколку експлодира, би се случила десеткратно поголема катастрофа од онаа во Чернобил. Објектот крај реката Дњепар е под контрола на руските војници. Иако работните операции ги извршува украински персонал, Москва прати свои нуклеарни експерти да ја надгледуваат работата.

Британски разузнавачи навестуваат нова фаза во војната во која поголемиот дел од борбите се префрлил на фронт од речиси 350 километри кој се протега југозападно од Запорожје до Херсон. Украинските власти тврдат дека руски ракети погодиле индустриски округ во Харков. Од руското МО соопштија, пак, дека уништиле поголем дел од оружјето на непријателот во истиот град. Армијата добива поддршка од свештени лица.

„Непријателот ќе биде поразен, победата ќе биде наша. Во чест на оваа победа, ви го предаваме ова знаме. Го гледаме Димитриј Донски на бел коњ, како Жуков, кој влезе со бел коњ на Денот на победата. Ова е традиција на нашата руска армија“, изјави М. Евгениј Циклари, свештеник.

Во меѓувреме, од Украина исплови конвој од четири брода со жито. Првиот доцни на пристаништето во Либан.

Маја С. Филдишев