Политика

Нејасен патот до двотретинско мнозинство

07.08.2022 14:51

Власта и опозицијата во ров за уставните измени. СДСМ бара конструктивност за земјава да продолжи по европскиот пат, најави дебата со сите пратеници за обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието. Од ВМРО-ДПМНЕ категорични – под вакви околности, нема поддршка за промена на највисокиот правен акт...

Социјалдемократите и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, секој во својот политички ров. Останува неизвесно како ќе се обезбеди потребното двотретинско мнозинство за уставните измени, за внесување на бугарите во преамбулата, како предуслов за одржување на втората меѓувладина конференција со Брисел и за отворањето кластери.

Додека владејачката партија најавува широка дебата, опозиционерите порачуваат дека под вакви околности нема да дозволат отворање на највисокиот правен акт.

Каевски од СДСМ вели, предвремени избори ќе нема, но по одморите ќе следува процес на разговори со сите партии и пратеници, бидејќи земјава мора да продолжи по европскиот пат. Партијата бара конструктивност од сите народни избраници, во периодот додека државава е под мониторинг од европската унија.

За ВМРО-ДПМНЕ, прашањето за уставни измени е затворено. Велат, тие нема да се случат под овие услови.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ неодамна посочи дека иако сè уште нема утврден календар за уставните измени, сепак, тоа е обврска којашто треба да се заврши најдоцна до крајот на скринингот, во ноември 2023-та. Тој смета дека ваков тип уставни измени се содржински најлесни, бидејќи само треба да се додадат неколку заедници, освен бугарите и црногорците и хрватите. Најважно е исходот да биде позитивен, рече Маричиќ.

Сепак со сегашната констелација на силите во собранието, без пратеници од ВМРО-ДПМНЕ не може да се обезбеди двотретинското мнозинство за да поминат уставните измени.

Миле Ристески