За 30 милиони денари зголемен буџетот на прилепската болница

16.04.2014 10:24

Фондот за здравство го зголеми буџетот на прилепската болница за 30 милиони денари и поттикнува воведување две нови методи за лекување на пациентите...

Дијагностицирање и лекување на остеопорозата и лекување на болки во коленото се новите методи со кои прилепската болница ги проширува здравствемните услуги за околу 100.000 пациенти во регионот. Остеопорозата ја поместува старосната граница и неопходно е брзо реагирање.

„Се боревме да го добиеме овој апарат, дензитометар кој е златен стандард за поставување на дијагнозата за остеопорозата“, вели д-р Златомир Аризанкоски, специјалист ортопед.

Од први мај ќе се закажува термин за пациентите, а веќе функционира апаратот за болки во коленото.

„Тоа е нова метода. Се применува на глиниката за ортопедија во воената болница во Скопје, сега го има и во Прилеп“, вели Илија Богатиноски, директор на градска болница „Борка Талески“ Прилеп.

Фондот за здравство и  го зголеми буџетот на прилепската болница и поттикнува воведување нови услуги.

„Општата болница во Прилеп, дополнително на својот буџет годинава уште од јануари доби околу 30 милиони денари дополнително кои ги добива навремено. Осигурениците да немаат потреба за лекување во странство, ниту да имаат потреба да доаѓаат во Скопје да завршат рутински преглед“, вели Маја Парнарџиева Змејкова, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Фондот  ја воведе електронската фактура за плаќање, редовно ги сервисира обврските, до 70 насто ги ревидираше цените на лековите, а во мај најавува нова ревизија.  Од Фондот се децидни– ниту пациентите ниту вработениот стручен персонал не трпи од со години напластените обврски на болницата.

 

Елизабета Митреска