Службата за Итна помош во Велес со зголемен обем на работа
Во јули, Итната помош од Велес имала рекордни, околу 2.600 интервенции, дел во амбуланта, дел на терен. Најчесто на здравствени проблеми се жали највозрасната група граѓани…

Зголемен е обемот на работа на службата за Итна медицинска помош со домашна посета, од Здравствениот дом во Велес. Жителите на Велес, но и велешко барале помош од докторите, многу почесто и повеќе отколку претходните месеци. Во јули се забележани рекорден број на лекарски интервенции- 2.600, околу 2.000 во амбуланта, а останатото на терен.
Службата за Итна помош освен за пациенти од Велес, излегува и на терен во соседните општини Градско и Чашка. Така се случува кога има потреба, да патуваат и по еден час ако се јави пациент за домашна посета од селата во регионот на Азот, од Нежилово, Ореше, Папрадиште. Во најголем број случаи, лекарска помош бара повозрасната група на граѓани и хронично болните.
Во летните месеци се зголемуваат и интервенциите за сообраќајни несреќи. Изминатиот месец имаше две со смртни последици. Службата за Итна помош од Велес, го покрива и делот од автопатот на делницата Катланово-Градско. Овој период, вообичаено во градот, има зголемен број на сообраќајни незгоди, каде се повредени млади мотористи.
Петар Печков
