Македонија

Дваесет и една година од загинувањето на десетте армиски припадници кај Карпалак

08.08.2022 12:00

Дваесет и една година од загинувањето на десет припадници на АРМ кај месноста Карпалак. Осми август, 2001-ва година-армискиот конвој беше нападнат од заседа при што загинаа десет прилепски резервисти. Делегација предводена од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и претставници од Министерството за одбрана, положија венец пред спомен-плочата кај месноста Карпалак…

На денешен ден пред 21 година, од заседа, беа нападнати и убиени десет припадници на Македонската армија, кои за својата татковина Македонија го дадоа највредното – своите животи.

Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Пеце Секулоски, Веби Рушитоски, Марко Деспотоски. Ова се имињата на хероите кои со најсветли букви се испишани во современата македонска историја, откако тоа кобно утро, во месноста Карпалак на автопатот Скопје-Тетово, во терористичка заседа врз армискиот конвој беше отворен оган од митралези и рачни ракетни фрлачи.

Борбите за извлекување на преживеаните 108 лица траеја со часови. Две децении подоцна, од Здружението на бранители изразуваат незадоволство од третманот на државата. Велат – понижени сме и омаловажени.

Со положување на цвеќе и панихида на местото на злосторството, пред спомен плочата и годинава одбележан е датумот на положувањето на животите за татковината.

Освен роднините, таму беа присутни државни, воени и партиски делегации, како и претставници на локалната самоуправа, здруженија на бранители и навивачка група од Тетово. Велат, хероите никогаш не умираат, тие живеат вечно во срцата на својот народ.

Марија Котовска