Кревок прекин на огнот, регистрирани изолирани инциденти
Кревок прекин на огнот меѓу Израел и Исламски џихад. Пред активирањето на примирјето регистрирани помали вооружени инциденти. Политичарите од двете страни со меѓусебни предупредувања да се почитува договорот кој е склучен со посредство на Египет. Народот на Газа и Израел, поучен од минатото, со резервиран оптимизам околу ефективноста и времетраењето на прекинот на огнот.

Предупредувачки сирени во израелските градови на границата со Појасот Газа и по активирањето на прекинот на огнот меѓу Израел и палестинскиот Исламски џихад. Еден проектил бил пресретнат од „Железната купола“, систем за против воздушна одбрана, над градот Мивтахим. Прекинот на огнот официјално стапи на сила вчера во 23:30 часот. Двете страни со меѓусебно предупредување- за секој обид за насилство ќе биде одговорено со употреба на сила. Израел делумно ги отвора премините кон Газа за хуманитарни цели. Тридневните вооружени пресметки се сметаат за најжестоките по ланската 11-дневна војна на еврејската држава со палестинското движење Хамас. За 72 часа беа убиени 43 Палестинци, вклучувајќи жени и деца. Во битките загинаа и двајца водачи на Исламски џихад.
„Ова е победа за нас, за бригадите Ал-Кудс, за палестинскиот народ и отпор. Ќе си го браниме постигнатото со сила и решителност. Единствената гаранција за спроведувањето на договорите е силата на отпорот на терен. Непријателот нема морал и очекувам дека ќе се обиде да ги заобиколи спогодбите“, изјави Зијад ал-Накалах, лидер на Исламски џихад.
Примирјето се славеше и во бегалскиот камп Џабалија во Газа.
„Се надеваме дека ќе нема војна. Луѓе сме и имаме право да живееме во Газа. Не сакаме војна секоја година или на секој втор ден. Не сме закрепнале ни од минатата војна.“
„Сите живеат во страв. Кога не се плашевме од проектили, се грижевме за татковците, мајките, браќата и соседите.“
За разлика од оптимизмот на Газа, жителите на израелскиот град Ашкелон со песимистички прогнози. Повеќето веќе не веруваат во долготраен мир.
„Крајно време е за прекин на огнот, еднаш засекогаш, за да не нè нападнат пак за еден месец или два.“
„Ова е илузија бидејќи примирјето е моментално се до идното известување. Можеби идната недела, можеби за половина година, којзнае.“
„Прекинот на огнот е добар сега, но доаѓа втора рунда.“
Израелскиот непријател Иран му помага на Исламски џихад со обука, експерти и пари, но најголемиот дел од оружјето на групата е од локално производство. Во последните години разви арсенал ист каков што поседува Хамас со ракети кои можат да погодат централни подрачја на Тел Авив. Иако главната база е во Газа, Исламски џихад има огранок и во Бејрут и во Дамаск.
Маја С. Филдишев
