Додека не се промени кривичниот законик, насилниците ќе го повторуваат делото
Недовербата во системот на заштита од семејно насилство ја одведе неготинчанката во смрт, децидни експертите. Вчера на КАРИЛ почина 56-годишната жена од Неготино, која падна во кома откако на 2-ри август ја претепа нејзиниот партнер. Воопшто не се разбудила од кома, и покрај тоа што тимот хирурзи по приемот ѝ ја оперирал главата, поради многу тешки телесни повреди. Насилникот е приведен…

Недовербата во институциите, недоволната кривична одговорност кон насилниците ја одведоа неготинчанката во смрт која пред неколку дена беше брутално претепана од страна на партнерот. Правните лица сметаат дека додека не се промени кривичниот законик кој треба да опфаќа поригорозни мерки, насилниците нема да се плашат да го повторуваат делото.
Стручните кадри, психолози и социјални работници го делат мислењето со правните лица. Додаваат дека во целиот Вардарски регион немаат социјални услуги кои ќе влеат доверба во жртвите. Истражувањата покажува дека секоја година има по неколку убиени жени како последица на семејно насилство. Најлоша била 2010-та година кога биле убиени 13 жени.
Според соопштението на Обвинителството од 3-ти август, насилничкиот напад се случил ноќта меѓу први и втори август. Полицијата веднаш го привела насилникот. По отворената истрага Обвинителството го опиша настанот: насилникот повеќе пати ја удирал со боксови во главата, а потоа ја турнал кон туш-кабината во бањата. Веќе повредена од боксовите, таа паднала во туш-кабината и тука засекогаш ја изгубила свеста. Во кома, таа е итно донесена и веднаш оперирана во Клиничкиот центар во Скопје каде и починала.
Стојне Митева
