Македонија

Со помош на меѓународни партнери ќе изготвува национална стратегија за млади

08.08.2022 12:56

Земјава со помош на меѓународни партнери ќе изготвува национална стратегија за млади. Ќе го опфати периодот до 2027 година. Искуствата покажуваат дека работите мора да се менуваат. Според последните истражувања, две третини од младите сакаат да се иселат, и доколку им се укаже можност, би го сториле тоа…

Дваесет години со државното знаме на плеќи и ниту еден ден стаж. Наумче Мојсоски е само еден од околу 20 илјади професионални спортисти кои на сопствена кожа го почувствувале недостатокот на грижа на државата за младите луѓе. Со сопствените успеси биле вистински амбасадори низ светот, но Македонија никогаш не променила ништо во законите за да го реши ваквиот проблем.

Ова е само еден од проблемите на младите луѓе во земјава. Според последните истражувања, две третини од нив сакаат да се иселат и доколку им се пружи прилика би го сториле тоа. Ако во 2002 година младите сочинувале 23,8 отсто од вкупното население, сега има 17,8 отсто млади од вкупниот број на граѓани, односно годинава има 150.000 млади помалку отколку пред две децении. На настан посветен на младите луѓе, на кој се промовираа настани и содржини кои ќе се одржат неделава, заменик шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдштајн, потсети оти во државата гласот на младите речиси и да не се слуша.

Меѓународни организации ќе ја поддржат Агенцијата за млади и спорт во создавањето Национална стратегија за млади за 2023-2027 година.

„Мора да имаме на ум дека Националната стратегија за млади ќе има смисла само доколку младите се вклучат во нејзиното креирање и спроведување. Целта е да се создаде платформа, погодна средина каде што младите ќе може да креираат своја сопствена стратегија. Документ за младите, од младите“, изјави Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП во Скопје.

Според последниот попис, бројот на жители во земјата е намален за 9,2 проценти, или тоа значи дека се загубено три поголеми општини во земјата.

Катерина Топалова