Штипската болница ќе набавува нова опрема во одделението за ортопедија
На што се должи зголемениот број пациенти со остеопороза и скршеници? Науката вели од неправилен внес на соодветни витамини, но во практиката голем удел има и невниманието. Поради се поголемиот број интервенции, во штипската болница ќе се набавува нова опрема...

Скршеница на колк, за 48 часа хоспитализра шест лица од Штип, Радовиш, Кочани, Делчево и Свети Николе на одделението за ортопедија во Штипската болница. Во болница и на листа за операција се четири жени и двајца мажи. Најмладата пациентка има 51 година, а најстарата 84.
Скршениците се последица на моментално невнимание, но и долгогодишна остеопороза, велат лекарите.
„Скршениците, секако се должат на остеопорозните промени на коските. Во вакви случаи , мала траума доведува до фрактура на колкот.Тоа занчи дека пациентот може да падне одејќи и да добие скршеница“, вели д-р Сашо Ценов, ортопед.
Четворица од пациентите , се задржани на Одделението за ортопедија, додека двајца се транспортирани во Скопје, зашто штипската болница нема доволно материјал за сите операции:
„Во зависност од буџетот со кој располага Клиничката болница, распишан е тендер за остеосинтетски материјал и во рамки на буџетот се прави набавка и распоред на овој материјал, потребен за извршување на операциите“, изјави Елизабета Папарова, економски менаџер на Клиничка болница – Штип.
Инаку, месечно на Штипска отропедија се прават помеѓу 45 – 60 операции, а амбулантски се прегледуваат во просек по 1.000 пациенти.
Оливера Жежова
