Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје
Од Управата за финансиска полиција, не информираат колку лица конкретно се опфатени со пријавата. Директорот Муареми, минатата недела на брифинг со новинарите, најави дека ќе поднесе кривична пријава против обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување на службената исправа“...

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до скопското Јавно обвинителство за сите обвинители за кои се смета дека постојат основи на сомнение за сторени кривични дела. Од институцијата сметаат дека за време на претресот во Финансиската полиција била сторена злоупотреба на службената положба и обвинителките го прекршиле законот за кривична постапка.
„Со оглед на тоа што постапката за сите пријавени лица од овој момент е тајна, почитувајќи ја презумпцијата на невиност на пријавените, тоа е сè што во овој момент можеме да споделиме со јавноста, согласно со Законот за кривична постапка“-се вели во изјавата на Управата за финансиска полиција.
Обвинителката Вилма Русковска пред неколку дена се пожали на притисоци од владини назначени лица и побара помош од меѓународниот фактор. Оттаму со одговор-случајот мора да го решат надлежните органи во Македонија.
Русковска, по најавите за тужби од Муареми, истакна дека врз неа се врши притисок и предупреди дека ќе ги објави наодите за кои тврди дека ги има против Муареми.
