Русковска за МТВ: Секој има законско право да поднесе кривична пријава
Секој има законско право против било кого да поднесе кривична пријава. Ова е кусиот коментар за МТВ на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, откако директорот на финансиската полиција, Арафат Муареми поднесе кривични пријави...

Секој има законско право против било кого да поднесе кривична пријава. Ова е кусиот коментар за МТВ на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, откако директорот на финансиската полиција, Арафат Муареми поднесе кривични пријави против обвинители од нејзиното обвинителство, поврзано со претреси во просториите на Управата.
Обвинителката наместо да ја работи својата работа, се препукува преку медиуми, наместо да поднесе обвинение доколку има, како што тврди со докази – вели адвокатот Звонко Давидовиќ. Тој оценува дека со овој настан се поткопува и онака слабата доверба во правосудството.
Ваквиот судир помеѓу две клучни институции за борба против организираниот криминал и корупција е во крајна линија општествено и институционално штетен и опасен, коментира за МТВ адвокатот и поранешен судија во Кривичниот суд, Туфегџиќ. Тој прашува зошто во постапката е заобиколен судот како единствено надлежен орган за судска контрола на законитоста на преземените дејствија при претресот.
„Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави против обвинителите, а колку што ми е познато не го искористи законското право да ја оспори законитоста на претресот во судска постапка во делот на судската контрола на законитоста иако во јавноста изнесе низа приговори во смисла на процесни пропусти при претресот. На тој начин овој судир се повеќе добива димензии на личен јавен судир кој е на штета на довербата во институциите пред сè“ – вели Туфегџиќ за МТВ.
Директорот на финансиската полиција Арафат Муареми минатата недела најави кривични пријави против обвинителките Русковска, Трајчева и Јосифовска затоа што смета дека извршиле незаконски претрес во просториите на Управата, по што обвинителката Русковска рече дека тој ѝ врши притисок и ги повика домашните институции и странските амбасади да го разгледаат случајот.
Анита Димитријевска Велковска
