Кошарка

Целта е европско првенство по десет години

08.08.2022 21:12

Земјите со објективно помал потенцијал поскапо ги плаќаат резултатските несупеси. Најдобар пример се македонските кошаркари коишто долго не можат да го фатат вистинскиот курс кон враќањето на европските првенства...

Земјите со објективно помал потенцијал поскапо ги плаќаат резултатските несупеси. Најдобар пример се македонските кошаркари коишто долго не можат да го фатат вистинскиот курс кон враќањето на европските првенства.

По четири настапи на континенталните собири во серија, Македонија пропушти два големи настана и за да игра на шампионатот во 2025-та треба да тргне од претквалификациите. Сега со нов селектор, Александар Јончевски, кој толку долго беше во стручниот штаб како асистент, што овозможува и новитети и постојаност во репрезентацијата. Во неа треба да се врати Ненад Димитријевиќ, во споредба со претходниот собир ќе игра и Андреј Магдевски, па доколу Јончевски на располагање ги има сите сили, македонскиот тим би требало да ја носи фаворитската улога за првото место во групата со Данска, со Словачка и со Норвешка. Во таков случај би оделе во квалификациите, а доколку не успееме би биле во третиот претквалификациски сегмент. Тој долг пат до Европското првенство во 2025-та е затоа што Македонија го загуби реномето создавано пред десетина години, па сега ќе бара нов импулс за радост.

Селекторот Јончевски денеска ќе го собере тимот за тренинзи во Маврово до 13-ти, потоа ќе има еден тест со Црна Гора во Бар, на 17-ти ќе пристигне и Димитријевиќ, а на 25-ти ќе ги почнеме претквалификациите со меч во Данска. За три дена ќе ни гостува Словачка, а во ноември и во февруари ќе го завршиме овој натпреварувачки сегмент.