Македонија

Полицијата во битка со рибокрадците

09.08.2022 11:07

Полицијата во битка со незаконитиот риболов. Рибокрадците неуморни, и покрај засилените полициски контроли и натаму го пустошат рибниот фонд. Ендемичните заштитени риби во време на потполна забрана за лов, главни во гастрономската понуда на двата туристички центри.

Продолжува битката со незаконитиот риболов на Охридското Езеро. Рибокрадците неуморни, и покрај засилените полициски контроли и натаму го пустошат рибниот фонд. Забраната за риболов не се почитува, се ловат ендемичните заштитени риби кои се на работ на исчезнување, тие се продаваат на црниот пазар, а се дел и од гастрономската понуда на двата туристички центри.

Во последната акција на полицијата на струшкото крајбрежје, на потегот од реката Сатеска до селото Радожда, беа запленети рибарски мрежи долги 3,5 километри со 700 парчиња ендемична риба.

„Пронајдени се и одземени 17 рибарски мрежи во вкупна должина од околу 3400 метри, воедно одземени се близу 700 кг различна риба пред сè белвица и пастрмка. Напоменувам дека овие акциски контроли продолжуваат со несмалено темпо на целото крајбрежје“, вели Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.

Во услови кога Охридското Езеро нема концесионер и рибочуварска служба, граѓанскиот сектор апелира инспекциските служби со засилени контроли да се вклучат во заштитата на рибниот фонд.

„Заштитата на рибниот фонд и полициското работење во однос на казненото дело незаконит риболов и законот за рибарство и аква култура е еден од основните приоритети на полициската станица за граничен надзор Охридско езеро. Во текот на целата година перманентно на различни места на охридско и струшко крајбрежје вршат перманентно акциски контроли со цел фаќање на рибокрадци“, вели Димоски.

СВР Охрид, од почетокот на годинава на крајбрежјето реализира 8 акциски контроли, при што одземени се 6 риболовни мрежи, а поднесени се 2 кривични пријави за сторено казнено дело „незаконит риболов“.

Соња Рилковска