ГАК

Двојно е зголемен број на породувања на пациентки со Ковид-19

09.08.2022 13:06

Двојно е зголемен бројот на породување на пациентки со Ковид на гинеколошките клиники. Поради инфекција голем дел од нив се јавуваат за лекување и хоспитализација, велат докторите. Апелираат сериозно да ги почитуваат мерките за одржување на дистанца и да избегнуваат поголеми собири на затворено…

Двојно е зголемен број на породувања на пациентки со ковид во споредба со лани, покажуваат податоците на Клиниката за гинекологија и акушерство. Директорката Јовановска за МТВ вели, само навидум изгледа дека коронавирусот го нема.

Годинава има речиси трипати повеќе пациентки на кои им е потребна хоспитализација и лекување во некој период од бременоста поради ковид инфекција. Докторката посочува дека разликата е во тоа што пациентките сега немаат потреба од лекувања на Инфективната клиника.

Годинава се зголемени и предвремените породувања и породувањата со царски рез. Доктор Јовановска апелира, препорачаните мерки од епидемиолозите строго да се почитуваат.

Клиниката за гинекологија и акушерство е единствена во која се згрижуваат бремени жени со ковид и каде се врши породување на ковид-позитивни.

На ГАК во јули е постигнат врвот-35 пациентки со ковид се породени за само 15 дена.

Наташа Јанчиќ Менковски