Повредени Палестинци во израелска рација
Нарушено примирјето меѓу Израел и Палестина. Двете страни повторно се судрија откако израелската војска изврши рација на Западен брег. Палестинците тврдат дека има и мртви и повредени. „Примирјето е кревко, и привремено решение за повеќедеценискиот спор на Блискиот исток“-дел од заклучоците на Советот за безбедност на Обединетите нации…

Палестинци повредени во рација на израелската војска во градот Наблус. Операцијата е спроведена во рамките на потрагата по шефот на групата „Бригада на мачениците на Ал Акса“ која е воено крило на Фатах. Израелската армија одговорила со оган на провокациите на Палестинците кои фрлале камења и експлозиви.
„Во Наблус се случува агресија и Палестинците имаат право да се спротивстават и да се бранат. Работите на Западен Брег ќе ескалираат додека светот не интервенира и ја запре израелската агресија и тероризмот против нашиот народ“, изјави Давуд Шихаб, претставник на Исламски џихад.
Нарушено е примирјето меѓу Израел и Исламски џихад кои пред неколку дена прогласија прекин на огнот по тридневните битки во кои загинаа четириесетина Палестинци, вклучувајќи и двајца лидери на ова движење.
„Дојдовме да провериме каква е ситуацијата. Толку од сонот за среќен семеен живот!“
„Живеевме од оваа продавница, сите деца ми се венчани и невработени иако завршија факултет. Ова ни беше единствениот извор на приходи.“
Израел соопшти дека офанзивата наречена „Зора“ била одговор на директна закана од Палестинците по минатонеделното апсење на Басам ал Сади, повисок член на Исламски џихад на Западниот Брег.
„Секој што ќе се обиде да ни наштети ќе плати со животот. Низ целата операција, посебни напори беа направени за заштита на цивилите“, изјави Јаир Лапид, премиер на Израел.
Прогласениот прекин на огнот е кревок и привремено решение на повеќедеценискиот спор – дел од заклучоците на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН.
„Овие циклуси на насилство ќе запрат само ако постигнеме политичко решение за конфликтот кое ќе ја оконча окупацијата и реализација на дводржавното решение“, изјави Тор Венесланд, специјален координатор за мировниот процес на Блискиот исток.
„Како највисокото тело одговорно за одржување на светскиот мир и безбедност, уште колку години се потребни некој да каже „доста, доволно е“ на оваа нехумана блокада на два милиона народ, од кои половина се деца?“, изјави Ријад Мансур, палестински амбасадор во ОН.
Појасот Газа е еден од најнаселените места во светот. Исламски џихад е една од неколкуте бунтовнички групи кои оперираат таму. Соработува со Хамас, но многу често дејствува и самостојно.
Маја С. Филдишев
