ВМРО-ДПМНЕ тврди дека се подготвува нов документ со Бугарија, според СДСМ-опозицијата шири невистини
Нема нови обврски за Скопје и Софија, внатрешната реорганизација и поставеност е работа на Бугарија – македонското МНР негира дека се подготвува нешто што е надвор од веќе договореното со соседот. ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Македонија постојано добива нови уцени. Според СДСМ, опозицијата шири невистини за некакви нови услови коишто ќе бидат побарани од земјава…

Партиите распалија со меѓусебни обвинувања дали од земјава се бараат нови концесии во односите со Софија. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи во привремената влада, Николај Милков, ја толкува оти значи нов писмен документ кој ќе ги дефинира задачите на различните институции во односите со Македонија. Ова, за ВМРО-ДПМНЕ значи оти тие обврски ќе се однесуваат и за македонските институции.
Социјалдемократите негираат каква било подготовка на нови документи со Бугарија, коишто би значеле нова обврска за земјава. ВМРО-ДПМНЕ шири невистини и лаги за некакви нови договори, за некакви нови услови со кои се обидува да ја вознемирува јавноста – велат од владејачката партија.
Македонското Министерство за надворешни работи негира дека се подготвуваат нови документи со обврски.
„Сакаме да ги отфрлиме сите наводи дека се подготвуваат нови обврски за двете држави надвор од договорените принципи во меѓусебниот протокол кои значат: прво реципроцитет во рамките на преземените обврски; како и автономија на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“, велат од МНР.
Бугарскиот министер Милков изјави оти е потребна координација меѓу институциите во Бугарија, најверојатно со писмен документ во којшто ќе се дефинираат задачите на институциите таму за односите со Скопје.
Миле Ристески
