Криза

Неизвесност и за стопанството и за граѓаните

09.08.2022 14:47

Не е ново дека цените на суровините растат, туку се јавува неизвесност колку и кога ќе ги има, велат од прехранбената индустрија од каде ги нагласуваат напорите за амортизацијата на трошоците, за целиот товар да не биде на граѓаните со ротирачките цени на производите. Граѓаните исплашени од неизвесните есен и зима, а на сите им е битно да ги има мерките на државата…

Освен високи цени кои незапирливо растат, се продлабочува неизвесноста колку и кога ќе ги има суровините, стравуваат во прехранбената индустрија. Оттаму велат-се зголемуваат калкулациите пред да се процени новиот род. Тоа го прави неизвесен последниот квартал во годинава што никому не му носи добро.

„Ние како компанија се спремаме да ги амортизираме овие несакани економски движења. Сите ја чекаат новата реколта, на жито, шеќер, какао, за да формираат цена. Се разбира дека постојат и некои сигнали за шпекулации, и на глобално и на микро ниво, а сето тоа прави актуелното економско милје да биде многу неизвесно“, вели Љупчо Велески, менаџер во прехранбената индустрија.

Со порастот на трошоците за живот од 1,9 проценти и на цените на мало за 2,5 проценти во јули во споредба со јуни, го отежна и го направи тежок и речиси безизлезен за граѓаните. Се живее од ден за ден и се бара да се преземат мерки.

„И 500 евра да земаш плата, малку ќе е.“

„Кога ќе нема струја, ќе се завиткаме со ќебето и ќе ќутиме.“

„Прескапо е, сите се плашиме, не знаеме што ќе биде.“

„Владата треба да преземе нешто“-велат граѓаните кои ги анкетиравме.

И за стопанството државните мерки се неопходни, но да бидат конкретни.

„Било кои мерки од владата кои ќе бидат конкретни, можат позитивно да влијаат врз овие несакани текови“, нагласува Велески.

Претстојната есен ја продлабочува неизвесноста и за стопанството и за граѓаните.

Елизабета Митреска