Отпуштените од „Комунална хигиена“ обвинуваат за партиски пазарења
Арсовска вели дека лицата не ги извршувале своите работни обврски и дека најголемиот дел од нив не се појавувале на работното место. Отпуштените лица со реакција- велат дека се жртви на политички пазарења и дека не е точно дека не доаѓале на работа и дека тоа може да се провери преку безбедносните камери и потписите за редовност...

Ако некому не му е продолжен договорот значи дека раководството не е задоволно од неговата работа, став на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска за прекинувањето на договорите за работа на 33 лица вработени во ЈП „Комунална хигиена“.
Арсовска вели дека лицата не ги извршувале своите работни обврски и дека најголемиот дел од нив не се појавувале на работното место. Заканите по живот кои Арсовска ги добила поради овој случај, вели, не смеат да се дозволат во ниту едно општество.
Писмено реагираа и лицата чии договори во „Комунална хигиена“ не се продолжени. Велат дека се жртви на политички пазарења и дека не е точно дека не доаѓале на работа и дека тоа може да се провери преку безбедносните камери и потписите за редовност.
„Сакаме да и соопштиме на пошироката јавност дека нашето отстранување е направено едноставно поради политички пазарења, а не поради нашата нерегуларност на работа или уште помалку затоа што сме непотребни“, се вели во реакцијата.
Марија Котовска
