Македонија

ССМ: Усогласени плати за помал инфлаторен шок

09.08.2022 17:05

Минималната кошничка во јули надминала 47.000 денари. Четиричлено семејство со една просечна и една минимална плата не може да ги покрие трошоците. Синдикатот бара итни усогласувања на платите за амортизирање на инфлаторниот шок …

47.042 денари изнесува вредноста на синдикалната минимална кошница со вклучена инфлација за месец јули. Пресметката на ССМ вели дека не можат да ја покријат ниту семејствата каде што има двајца вработени од кои имаат примања во висина на просечна плата и една минимална плата. На четиричлено семејство кое живее од две минимални плати со вкупно 36 илјади денари, му недостасуваат околу 10 илјади денари за да преживее. Синдикатот преку генерален штрајк бараше покачување на платите за 2806 денари за амортизација на ценовниот шок, но не наидоа на исполнување на нивните барања од страна на властите.

„Уште ја спремаме тужбата до Владата и до локалните самоуправи, онаму каде што не се усогласени платите до месец септември, каде што бараме сега во моментот согласно законското решение, критериумите и методологијата препишана во законот за минимална плата каде што јасно вели со порастот на минималната плата треба да се усогласат и останатите плати а тоа значи дека од први септември треба сите работници и во јавниот и во приватниот сектор да добијат усогласување на платите за 18,4%“, вели Дарко Димовски-претседател на ССМ.

Од Синдикатот велат дека инфлацијата од 16% ја обезвреднува вредноста на платите и оттука износот од 18.000 денари колку што изнесува минималната плата во Македонија има реална вредност од 15.120 денари со што значително е осиромашен македонскиот работник и граѓанин.

За еден месец потрошувачката кошничка пораснала за над 7.000 денари, за една година 12.000 денари. Синдикатот вели дека податоците за инфлацијата се нереални, зашто трошоците се далеку поголеми.

Поскапените производи сериозно го празнат џебот на граѓаните. Се купува најосновното, оти за повеќе нема.

Трговците велат, цените се приспособуваат според набавката, она што е набавено пред поскапувањето, не е покачено.

Покрај моменталното поскапување, на граѓаните им се заканува и пораката од властите дека ни претстои „тешка зима“.

Катерина Топалова