Зоран Анчевски за збирката „Збунети компаси“ е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“
Тој е добитник по вторпат на ова највисоко признание, откако во 2018 година ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за стихозбирката „Небесна пантомима“

Познатиот македонски поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува од страна на „Струшките вечери на поезијата“ за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија. Анчевски е добитник на наградата за неговата поетска збирка „Збунети компаси“ во издание на „ИЛИ- ИЛИ“.
Тој е добитник по вторпат на ова највисоко признание, откако во 2018 година ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за стихозбирката „Небесна пантомима“
Поетската книга „Збунети компаси“ на Зоран Анчевски, е зрело и интимно, во извесна смисла и исповедно поетско, односно автопоетичко огласување на Зоран Анчевски. Книгата е доследно изградена како суштествено лирски, поетски израз во рамновеесието на сензуалната доживелица на мигот и воедно мигот на медитативната сосредоточеност во наслушнувањето на душевните напливи. Лирскиот израз на Анчевски во оваа поетска книга се огласува од средиштето на длабоката вкотвеност во појавноста на светот што нѐ опкружува, среде нејзината мена, која е воедно и тежиште на јарболот на аксиолошката вертикала по која угоре заблазува и удолу, пред стрмоглавоста, зазира духот - стои во образложението на одлуката на жири комисијата.
Зоран Анчевски (1954) е поет, универзитетски професор, преведувач, есеист. Има објавено девет поетски збирки што се одлично примени од критиката, високо оценети и наградени со различни награди во земјата и во странство.
„Струшките вечери на поезијата“ годинава ќе се одржат од 25-ти до 29-ти август во своето редовно издание на препознатливите локации.
