Жозеп Дол: Балканот е проблем на Европа
Неодамна Жозеп Дол јасно истакна дека е потребно да се напредува и по досието за евроинтеграциите на Македонија...

Францускиот европратеник Жозеп Дол, претседателот на најголемата политичка група во Европскиот парламент – Народните партии, ги предупредува идните европратеници кои треба да бидат избрани на крајот од мај, дека треба да ја преземат одговорноста за Балканот, поучени од она што се случува во Украина, јавува дописникот на МРТ од Стразбур.
„Тие (идните европратеници) набрзо треба да станат свесни со она што се случува во Украина. И исто така на Балканот! На Балканот е експлозивно! Ако не се воспостави правната држава таму, ќе продолжи големиот бандитизам, олигархијата и корупцијата. Тоа е невозможно да се контролира. Ако тоа продолжи, таму ќе ни се случи револуција и се надевам дека нема да има војна“, вели Жозеп Дол.
Претседателот на групата на народните партии притоа открива дека американскиот претседател Барак Обама на лидерите на Европската Унија јасно им го кажал ова на последниот самит ЕУ-САД во Брисел.
„Ова ни го кажа многу јасно на крајот од март американскиот претседател Обама кога дојде во Брисел: Балканот е проблем на Европа, а не на САД“, појасни тој.
Неодамна Жозеп Дол јасно истакна дека е потребно да се напредува и по досието за евроинтеграциите на Македонија.
„Блокадите се неправедни. Или ќе се организираме и ќе си ја завршиме нашата работа, или другите ќе ја направат на наше место“, истакна Дол.
Притоа, тој нагласува дека како нов претседател на Европската народна партија, Балканот ќе биде едно од неговите приоритетни досиеа.
Жозеп Дол се откажува од мандатот на европратеник, но тој останува во политиката како претседател на Европските народни партии.
Тони Гламчевски
