Измени на кривичниот законик

Ниту еден учесник во сообраќајот нема да биде поштеден од кривична одговорност

10.08.2022 12:11

Возачи, пешаци, лица кои управуваат со електричен тротинет. Ниту еден учесник во сообраќајот нема да биде поштеден, децидни од Министерството за правда, од каде што ги појаснуваат новините предвидени со измените на Кривичниот законик. Ќе се набавуваат специјални уреди за проверка на присуство на дрога во системот. МВР сега не располага со нив, но ги поддржува измените…

Ниту еден учесник во сообраќајот нема да биде поштеден од кривична одговорност доколку се огреши пред членот 403 предвиден со новиот Кривичен законик. Независно дали е пешак, мотоциклист, велосипедист, некој што управува електро-тротинет или пак некое друго возило, секој што ќе го загрози јавниот сообраќај управувајќи во состојба на неспособност на возење предизвикана со употреба на алкохол во концентрација од најмалку 1,50 г/промили во крвта, или дроги, психотропни супстанции или прекурзори, кривично ќе одговара, појаснуваат од ресорното министерство. Со новината ќе се надмине досегашната практика согласно постојниот член 297 „загрозување на безбедноста во сообраќајот“, кога самата повредата на сообраќајните прописи сè уште не претставуваше казнено дело, туку беше потребно да дојде до предизвикување конкретна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од значителен обем.

„Согласно актуелниот, членот 297, последица на делото е конкретна опасност, но услов за казнување на сторителот е некое лице да биде телесно повредено или да настапи значителна имотна штета. За разлика од овој член, во новиот член 403 „безобзирно управување со моторно возило“ услов за казнување не е настапувањето значителна имотна штета или телесна повреда на лицето. Кај овој член сторителот на делото ќе се казни и без настапувањето на последица, туку директно со исполнувањето на некое од дејствијата на извршување формулирани во делото“.

Новиот член ќе наметне употреба на специјални уреди за проверка на присуство на дроги, психотропни супстанции или прекурзори во крвта на прекршителот бидејќи сега во земјава тоа се прави само преку крвни анализи. Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека не располагаат со такви уреди сега, но дека целосно ги поддржуваат донесувањето на овие измени и воведувањето на кривичното дело.

Со новиот член 403 се предвидува казна до три години затвор и за возење во забранет правец, претекнување колона возила на непрегледно место или возење со брзина која надминува 70 километри на час над дозволената со што ќе биде предизвикана опасност за животот или телото на луѓето.

Фиљана Кока