Македонија

Од Македонска Каменица, африканската свинска чума се прошири и во кочанско

10.08.2022 12:14

Африканската свинска чума се прошири и во кочанскиот регион. Болеста е потврдена во фарми во селата Тркање и Пресека. Жител на Македонска Каменица доби кривична пријава откако е фатен како нелегално транспортира заболени свињи во Кочани. Агенцијата за храна и ветеринарство и МВР со засилени контроли за да се спречи ширење на болеста…

Од крајниот исток на државата, африканската чума кај свињите се прошири и во внатрешноста. Потврдено е присуство на чума во кочанските села Тркање и Пресека, две недели по откривањето на заболени свињи во село Моштица, Македонска Каменица. Фармерите се придржуваат кон сигурносните мерки, опасноста за ширење на болеста е кај чувањето свињи надвор од фармите во планинските села, кои доаѓаат во контакт со дивите свињи, вели потпретседателот на Асоцијацијата на земјоделци.

Нелегалниот транспорт на стоката е најголема закана за регионот. Жител од Македонска Каменица доби кривична пријава заради нелегален транспорт на домашни свињи заразени со африканска чума во Кочани. Асоцијацијата на земјоделци со апел да се стави крај на незаконското колење и транспорт на стоката.

Агенцијата за храна и ветеринарство најавува засилени контроли и апелира месото од заболени свињи да не се замрзнува бидејќи вирусот е отпорен на минусни температури.

Африканската чума е раширена кај дивите свињи во пограничните региони со Србија и Бугарија, а заболувањето на стоката во фармите значи голема економска загуба за сточарите бидејќи болеста е кобна за свињите и според законот мора да се уништат сите свињи во радиус од три километри од заразените.

Славица Величковска