Зеленски: Војната нема да заврши без целосно ослободување на Крим
Русија тврди дека експлозиите во воената база биле резултат на детонација на муниција. Војната нема да заврши без целосно ослободување на Крим, таму и каде што почна, рече Зеленски во видео-обраќање…

Иако Киев демантира дека серијата експлозии на Крим се дело на украинските сили, претседателот Зеленски го искористи моментот да потенцира дека полуостровот мора повторно да се врати во рацете на Украина. Војната нема да заврши без целосно ослободување на Крим, рече Зеленски во видео-обраќање. Додаде, Русија војната против Украина и Европа ја почна во Крим, и таа мора таму и да заврши.
„Присуството на руските окупатори на Крим е закана за цела Европа и глобалната стабилност. Црноморскиот регион не може да биде безбеден додека Крим е окупиран. Нема да има стабилен и траен мир во многу земји на брегот на Средоземно Море, сè додека Русија може да го користи нашиот полуостров како своја воена база“, изјави украинскиот претседател Зеленски.
Кремљ тврди дека експлозиите во воздухопловната база Саки на Крим биле поради детонација на муниција, но не ја соопштува причината за тоа. Едно лице загина, во најмалку 12-те експлозиите кои беа регистрирани на западниот брег на полуостровот.
„Министерството за одбрана ќе ја соопшти причината за експлозиите. Ситуацијата сега е под контрола, пожарите се локализирани, евакуирани се само оние жители чии куќи се во близина на аеродромот. Се утврдува висината на штетата“, изјави Сергеј Аксунов, шеф на т.н. Република Крим.
Жестоки борби се водат на фронтот во источниот регион Доњецк во Украина, соопштува Киев. Руските трупи почнале серија напади во обид да ја прошират контролата. Според Киев, украинските воени сили даваат жесток отпор и засега не дозволуваат пробив на руските сили.
Во меѓувреме, Кремљ побара состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации. Тврдат дека имало украински напади врз нуклеарната централа во Запорожје, што би можело да предизвикаат катастрофалните последици.
Киев, пак, за нападот на нуклеарната централа ги обвини руските сили. Европската унија од денеска забрани увоз на руски јаглен. Ембаргото е дел од санкциите воведени кон Русија поради војната во Украина.
Маја Стојанова
