Неправилностите во справување со ковид-кризата оставаат дупки во буџетот
Јавните набавки за Ковид-19 изобилуваат со ризици од корупција и судир на интереси, предупреди Центарот за граѓански комуникации. Има сомнеж за намерно оставање простор за склучување договори по повисока цена, постојат разлики во цената за ист производ ама се набавувале и производи коишто немаат директна врска со пандемијата. И Државниот ревизор констатираше проблеми, со мерките за поддршка на вработувањето во ковид пандемија. Нема целосни податоци за вратената помош, па буџетот останал покус за цели 23 милиони евра…

Неправилности во контекст на справувањето со ковид-кризата односно нецелосни податоци за вратената финансиска помош од корисници на владините мерки констатирал Државниот завод за ревизија. Како резултат на утврдената состојба, предизвикани се намалени приходи во буџетот во износ од 23 милиони евра.
Работодавците и физичките лица, корисници на мерките за субвенционирање на придонеси и исплата на плати, вратиле само 29% од пресметаната обврска. Ефектот е кусок на средства во буџетот. Утврдено е дека не е предвиден ниту начин за контрола и враќање на еднократната финансиска поддршка за физички и правни лица. Ревизорот констатирал дека има малку теренски контроли, нејасен е начинот како се избираат работодавците врз коишто се врши контрола, институциите не се екипирани и ова го користат работодавци кои зеле пари, а не ги исполниле условите.
„УЈП има утврдено дека одреден број на работодавци – корисници на поддршка немаат исплатено плата на вработените. Бројот на работодавци кои не исплатиле плата до јануари 2022 година изнесува 135 за вкупно 435 вработени“, стои во извештајот.
Проблеми има и со јавните набавки во ковид-пандемијата. Извештајот на Центарот за граѓански комуникации покажа дека и во втората половина на минатата година изобилуваат со ризици од корупција и судир на интереси. Има сомнеж за намерно оставање простор за склучување договори по повисока цена, постојат разлики во цената за ист производ, ама се набавувале и производи коишто немаат директна врска со пандемијата, како на пример службено возило со кожен волан и шест звучници.
Од Центарот велат дека Владата не успеала, директно или индиректно да интервенира во начинот на спроведување набавките поврзани со ковид и додаваат дека ниту една земја не може да си дозволи губење пари под превезот на брзината и заштитата на човечки животи.
Марија Котовска
