Здравство

Се испитува можен случај на мајмунски сипаници

10.08.2022 14:39

Нема хоспитализиран, ниту потврден случај на мајмунски сипаници. Има сомнеж за пациент, којшто е во добра здравствена состојба, а се вратил од Австрија. Министерството за здравство организираше тим за спроведување епидемиолошка анкета …

Пациентот кој е суспектен за мајмунски сипаници е во добра здравствена состојба, велат од Министерството за здравство. Од ресорот објаснуваат дека на Инфективна нема хоспитализиран, но според добиени информации од болницата во Кичево, таму има човек кој иако е во добра здравствена состојба, сепак, е сомнителен на вирусот. Лекарски тим ќе спроведе епидемиолошка анкета.

„На Клиниката за инфективни болести нема хоспитализиран пациент суспектен за мајмунски сипаници. Во врска со пациентот кој се споменува во медиумите, според информациите од кичевската болница станува збор за суспектен пациент кој е во добра здравствена состојба и со уредни лабораториски резултати, кај кого е дадена препорака за тестирање“ – велат од Министерството за здравство.

МТВ го контактираше директорот на кичевската болница, Станко Трпески кој појасни дека станува збор за пациент на возраст од околу 40-ина години кој неодамна се вратил од Австрија. Во понеделникот се јавил на преглед кај матичен лекар. Бил упатен на специјалистички прегледи кај дерматовенеролог и инфектолог со препорака да се јави на Инфективната клиника за да се утврди дали станува збор за мајмунски сипаници или пак за некое друго заболување.

„Преземени се сите активности од страна на матичниот лекар. Јавено е во епидемиолошката служба која ќе го контактира лицето согласно своите ингеренции. Ова лице 2-3 недели престојувало во Австрија, а со симптоми се јавило кај матичниот лекар. Морам да нагласам дека нашите служби, и матичниот лекар и специјалистите, имале тешка соработка со лицето, бидејќи одбивало лабораториски анализи и други иследувања“, изјави Станко Трпески, директор на општата болница во Кичево.

Од Битолскиот центар за јавно здравје, кој е одговорен и за пациентите од Кичево, за МТВ велат дека излегле на терен.

Тестирања на пациенти за да се утврди дали имаат мајмунски сипаници се прават во скопскиот Институт за јавно здравје, којшто опремен со лабораторија за таков тип на анализи.

Анита Димитријевска- Велковска