Финансии

Не стивнуваат реакциите за даночните реформи

10.08.2022 14:48

Новите даночни реформи ќе ги втурнат бизнисите во размислување да го пренасочат работењето на фирмите и инвестициите во други држави. Со нестимулативни даночни решенија нема да се оствари полнење на државната каса со 54 милиони евра-вели бизнис заедницата. Бара државата наместо да наметнува нови давачки, да се насочи кон амортизација од ударот на енергетската криза.

Не стивнуваат реакциите за најавените корекции на даночниот систем. Власта веќе призна очекува жешка дебата, а бизнис заедницата која е на удар на реформите веќе најавува дека ќе бара одложување на новото даночно оптоварување. Велат, колку повеќе анализираат, толку повеќе расте револтот од најавите за проширување на даночната основица, и намалувањето и укинување на даночните ослободувања.

Оценуваат, ова е нов даночен товар што ќе ги дестимулира инвестициите и ќе доведе во опасност да колабира цел еден сектор што ја полни државната каса, за сметка на оние субјекти од сивата економија што со децении ги уживаат привилегиите на јавните услуги, а не плаќаат давачки и го оштетуваат буџетот. Апелираат, наместо да воведува дополнителни давачки, државата да се насочи кон амортизација на ударот од енергетската криза-фокусот на бизнисот е насочен кон цените на енергијата.

Ова е сет нестимулативни даночни решенија што ќе ги втурнат фирмите во размислување како да ги пренасочат бизнисите и инвестициите во други земји, оценуваат работодавците. Велат тоа ќе ги наруши проекциите на владата да ја наполни државната каса со дополнителните 54 милиони евра.

Даночната реформа ги опфаќа данокот на добивка, на личен доход, на додадена вредност, акцизите и еколошката даночна политика. Креаторите на фискалните политики сè уште не знаат дали ќе го воведат прогресивното оданочување, за евентуално активирање допрва ќе дебатира со релевантните фактори. Според експертите, со оглед на актуелната економска, енергетска и здравствена криза, состојбата во која се наоѓаат компаниите, високите стапки на инфлација и ударот врз стандардот, најавата за проширување на даночната основица може да донесе висока политичка цена на актуелната власт.

Сузана Фиданска Стоевска