Охрид

Виртуелен споменик за Григор Прличев

10.08.2022 14:57

Синоќа на плоштадот на уметноста „Долна порта“ во Охрид беше промовиран дигитален паметен споменик којшто ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и туристите. На овој начин се поттикнува промоцијата на градот и државата, бидејќи се нуди нешто ново кое не може да се види во други туристички центри во светот.

Воскреснувањето на ловороносецот Григор Прличев преку користење на најновите технологии овозможува да ги спознаеме културата и технологијата, минатото и иднината во непосредна комуникација со дигиталната свест, беше речено синоќа при откривањето на дигиталниот паметен споменик. Иновативниот систем меѓу другото вклучува технологија за препознавање на говор на македонски јазик, како и високо реалистичен приказ на живописен аватар кој го претставува Прличев, синхронизиран со говор кој ги отелотворува стиховите и емоциите на поетот.

„Гласот кој ја инкарнира емоцијата на поетот е на актерот Стрезо Стаматоски, содржините од мултимедијален карактер ги обработуваа Сашо Митаноски и тимот на Супер радио. Во реализацијата на платформата за интеракција со виртуелниот Прличев работеа студенти од Универзитетот Свети Апостол Павле“, изјави проф. д-р Анис Сефиданис.

Тридимензионалниот модел го изработи Александар Илиески, студент на Универзитетот во Марибор, додека за охридските посебности во македонскиот јазик помогнаа Владо и Филип Ангеличин Жура.

„Главни цели на проектот се да се сочува охридскиот локален дијалект со тоа што сега ќе имаме виртуелен сограѓанин кој 24-7 ќе биде присутен на плоштадот и ќе може да разговара со охриѓани како и со сите други туристи“, нагласи проф. д-р Анис Сефиданис.

Сефиданис најави надградба на проектот со вклучување на повеќејазични команди за да може виртуелниот Прличев да разбира и странски јазици, што ќе овозможи неговата поезија да биде преведена во реално време.

Сашо Нелоски