Случај „Керозин“: Сите обвинети добија казна затвор

16.04.2014 12:24

Највисока казна затвор од 12 години доби првообвинетиот Ангел Пецов, неговата сопруга Мариче Пецова е осудена на 11 години затвор, додека на нивниот син Љупчо Пецов му е изречена 9-годишна затворска казна...

Основниот суд Скопје 1 денеска донесе казнена пресуда за сите 16-мина обвинети во случајот „Керозин“. Највисока казна затвор од 12 години доби првообвинетиот Ангел Пецов, неговата сопруга Мариче Пецова е осудена на 11 години затвор, додека на нивниот син Љупчо Пецов му е изречена 9-годишна затворска казна.

Осудени се дека како група преку неготинската фирма „Алма комерц“ точеле помало количество  нафта отколку предвиденото со тендерите кои оваа фирма ги добивала.  Според обвинението, на овој начин фирмата успеала да заштеди три илјади тони гориво, а со тоа да го оштетат буџетот за речиси 2,5 милиони евра. Се смета дека се оштетени околу 160 јавни институции меѓу кои Владата, Царинската управа, УЈП, министерства, општини, здравствени установи и градинки.

Од возачите на цистерните највисока затворска казна доби четвртообвинетиот Љупчо Темов, и тоа  седум и пол години. На затвор се осудени и останатите петмина возачи, нивните казни се движат од три и пол години најниската до 6 години највисоката.

Условна пресуда му е изречена само на 16-то обвинетиот, вработен во една од оштетените институции, додека другите вработени во институциите каде се испорачувала нафта исто така добија затворски казни кои се движат од  една година и четири месеци до три години и осум месеци. Казна затвор од две години доби и единствениот обвинет кој ја призна вината – Славчо Милошевски.

Обвинетите се товарат за повеќе кривични дела: злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, фалсификување на исправа, перење на пари и други приноси од казниво дело, даночно затајување, и давање и примање поткуп.