За 200 евра „посредувал“ за трактор преку ИПАРД
16.04.2014 13:01
Уапсен е државен службеник вработен во Агенцијата за поддршка на земјоделството. Барал поткуп од 200 евра од самостоен земјоделец за да му ја среди документацијата за да добие парична помош за купување земјоделска механизација, што законски и му следувала...

МВР уапси 33 годишен скопјанец- службеник од Агенцијата за финансиска поддршка за развој на земјоделието и рурален развој , кој земал поткуп за добивање субвенции преку ИПАРД програмата, соопшти министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Уапсениот во март годинава побарал 200 евра од оштетеното лице за да му биде посредник во Агенцијата и да му овозможи преку ИПАРД програмата да добие субвенции за купување на трактор. Оштетениот го пријавил случајот во полиција.
„Вчера околу 20:00 часот осомниченото службено лице остварило средба во угостителски објект во Аеродром со оштетениот кој го пријавил случајот и покрај документацијата ги примил и парите во вредност од 200 евра. Кај него врз основа на судска наредба е извршен личен претрес и најдени се четири банкноти во апоени од по 50 евра, кои се претходно технички обработени“, истакна министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
При претрес во неговиот дом во скопската населба Аеродром, пронајдена е разна службена документација која е одземена, а на службеникот му е одреден 8-дневен притвор. Јанкулоска информира дека од 2006 наваму полицијата регистрирала околу 50 случаи во кои над 450 службени лица биле опфатени во акциите на МВР.
Лидија Чакар
