Има или нема Македонци на боиштата во Украина?!
Македонските безбедносни институции досега не регистрирале учество на наши граѓани во војната во Украина на ниту една од страните. Според листата на руското Министерство за одбрана, од почетокот на војната, па досега, на страната на Украина се бореле 79 македонски државјани...

Македонските безбедносни институции досега не регистрирале учество на наши граѓани во војната во Украина на ниту една од страните, вели за Македонската телевизија, националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, Златко Апостолоски. Посочува дека состојбата со руско-украинската криза постојано се следи. Од друга страна, Москва објави нова статистика за учество на странски платеници што се борат на страната на Украина.
Според листата на руското Министерство за одбрана, од почетокот на војната, па досега, на страната на Украина се бореле 79 македонски државјани од кои се убиени или елиминирани 26, вратен е 21, а според податоците до 5-ти август, активни на фронтот се 32 лица.
„Досега од безбедносните институции во република северна Македонија не е регистрирано учество на наши граѓани во војната во Украина на ниту една од страните. Состојбата постојано се следи и за сите добиени податоци поврзани со објавата на руската информативна агенција, навремено ќе бидете информирани преку владината прес-служба“, вели Златко Апостолоски, национален координатор за тероризам.
И од македонското министерство велат, немаат информации за евентуално учество на наши државјани во војната во Украина.
„Министерството за надворешни работи не располага со релевантни информации поврзани со евентуално учество на наши државјани во војната во Украина, ниту загинати наши државјани во војна. МНР постојано и внимателно ја следи ситуацијата преку амбасадата во Украина. Штом има нови информации, јавноста ќе биде информирана“, велат од МНР.
На листата што ја објави руското Министерство за одбрана, странски платеници во Украина има и од 70-тина земји од светот.
Наташа Гркова-Петрушевска
