Конференција

„Отворен Балкан“ ги отвори границите за младите

11.08.2022 13:01

Младите сè повеќе сакаат да ја напушта земјата, не само за да најдат подобра работа, туку и поради негирање на идеите кои ги пласираат во делот на иновативните проекти. „Отворен Балкан“ ги отвори границите и можноста да се надминат препреките – велат учесниците на конференцијата…

„Отворен Балкан“ како пример за премин без граници и препреки меѓу младите, во време кога во светот сè повеќе земји се свртуваат кон себе или се во конфликт со другите. Кризните времиња носат предизвици, а од младите зависи каква иднина имаме.

Од конференцијата произлегоа не само препораки, туку и пораки до целиот Балкан-младите сè повеќе да бидат оние кои ќе решаваат, да имаат стопроцентен пристап до образованието со чие стекнување ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот и ќе ги запрат миграциите. Од највисоките државни инстанци, младите од земјава и соседните Србија и Албанија беа охрабрени да не се откажуваат од своето и тука да создаваат. Властите тоа треба да го овозможат.

„Младите сè повеќе сакаат да ја напуштат земјата и за тоа веќе не е причина тоа што нема да се вработат туку затоа што не гледаат перспектива за иновациите, идеите кои тие ги пласираат затоа ајде да им дадеме шанса да станат тие оние кои ќе ги носат одлуките“, изјави Василије Лалошевиќ, Црна Гора.

„Горд сум што можам да видам овде млади од регионот кои се подготвени да се слушаат меѓусебно да учат едни од други, млади кои веќе сум сигурен дека ќе бидат силата која ќе придвижува и на која ќе може да се потпираме во иднина и тоа за просперитетот кој сите ние го очекуваме овде на Западен Балкан“, рече Вања Удовичиќ, Србија.

Сепак процесот е почнат велат надлежните, дипломите ќе се признаваат, а секој од младите ќе може да работи и во соседната земја. Иако не сме членка на Европската унија, земјава прва од Западен Балкан ја воведе гаранцијата за младите и тоа повеќе од предвидените 30 насто тврдат македонските власти.

На конференцијата младите во „Отворен Балкан“ испрати и претседателот Пендаровски со уверување дека земјава ќе опстои на курсот на обезбедување иднина за овие генерации, со што би напредувал регионот.

Фиљана Кока