Повредени 35 мигранти во превртен камион
Камион кој превезувал 49-мина мигранти излетал од магистралниот пат Гевгелија-Демир Капија. Повредени биле 35-мина Сиријци. Лекарска помош добиле во регионалните болници и биле вратени во транзитниот центар во Гевгелија. Само еден од нив со потешки последици е на скопските клиники…

Триесет и пет мигранти од вкупно 49 се повредени во синоќешната сообраќајка која се случи на магистралниот пат Гевгелија-Демир Капија на клучката за село Марвинци откако камион „Сканија“ со скопски регистарски таблички, во кој се превезувале мигрантите, излетал од патот. Од нив 11 се однесени во струмичката болница, а 24 во гевгелиската.
Откако им била пружена лекарска помош и било интервенирано на повредите кои се генерално помали, сите се вратени на ТЦ Винојуг кај Гевгелија. Само едно лице со потешки повреди е испратено на понатамошно лекување во скопските клиники.
Според сведоштвата на повредените мигранти, сите се од Сирија, некои имале патни исправи, а некои немале. Синоќа после 18 часот било пријавено дека товарно возило излетало од патот на клучка од село Марвинци кон М1, регионален пат Гевгелија – Демир Капија. Возачот побегнал, а на местото на излетувањето на камионот се пронајдени мигрантите, изјави Александра Трајанова, портпарол на СВР Струмица.
Во текот на вчерашниот ден имало уште еден инцидент со повредени мигранти. Имено, близина на Железничка станица Романовце, патнички воз кој сообраќал на релација Скопје-Табановце, удрил во едно лице мигрант, кое се движело со уште три лица-мигранти по и покрај пругата. Возот застанал на местото на незгодата, но мигрантите избегале.
Изминатиов период зачестена е нелегалната транзиција на мигрантите од Блискиот Исток низ територија на Македонија, криумчарите и понатаму дебело заработуваат од нив.
Стојне Митева
