Донаторска конференција за поддршка на Украина
Во Данската престолнина 24 земји предводени од САД ќе се обидат да ја зајакнат поддршката за Украина. На отворањето на состанокот данската премиерка најави придонес од 110 милиони евра.

Претседателот Зеленски повика на отпор во окупираните територии и побара дополнително оружје за Киев. Верува оти должината на конфликтот во неговата земја ќе зависи од износот на дополнителната поддршка што ќе ја добие од другите нации- ставот изнесен пред почетокот на донаторскиот состанок за Украина во Копенхаген.
„Колку што е помоќно нашето оружје и колку е поголем опсегот на неговата употреба, толку побрзо ќе заврши оваа сурова војна“, вели Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во Данската престолнина 24 земји предводени од САД ќе се обидат да ја зајакнат поддршката за Украина. На отворањето на состанокот данската премиерка најави придонес од 110 милиони евра.
„Сите ние треба да продолжиме да ја зголемуваме нашата поддршка за Украина, со обука за оружје, финансирање за деминирање. Можеме да се договориме за уште повеќе придонеси. Данска е подготвена да го направи својот дел. Можеме да објавиме нов придонес од 110 милиони евра за оружје, опрема и обука“, изјави Мете Фредериксен, премиерка на Данска.
Украинскиот минситер за одбрана со оптимистички очекувања. Вели приоритет за украина е стабилизирање на фронтот и зајакнување на воздушните сили.
„Дефиниравме неколку групи на одбранбени приоритети. Обезбедување воздушна одбрана за големите градови и критични инфраструктурни објекти, заштита на границата со Белорусија, а исто така и конкретни мерки потребни за стабилизирање на линијата на фронтот за да се создадат услови за контраофанзивни операции“, изјави Олексиј Резников, министер за одбрана на Украина.
Во истовреме, во Њујорк состанок на Советот за безбедност на ООН, во чиј фокус ќе биде нуклеарната централа во Запорожје.
Новите сателитски снимки на руската воздухопловна база на Крим укажаа на огромни штети. Уништени се најмалку седум, а оштетени се уште два руски авиони. И покрај шпекулациите, украинското миснитерство воздржано за причината за експлозијата за која Москва тврди дека не е причинета од украинската војска, туку е од муниција на нејзината авијација.
Бојана Крстевски
