Охрид

Стратегијата за развој на туризмот не се спроведува

11.08.2022 13:42

Главната туристичка сезона во Охрид од година во година е сè покуса. Ако пред три децении таа траеше од 1-ви јули до 20-ти август, сега таа е сведена на 15 до 20 дена, велат експертите. И ако до 2019-та големиот број странски туристи придонесуваа хотелските капацитети да се полни од средината на мај до октомври, пандемијата, војната во Украина и економската криза ги покажаа сите слабости во овој сектор…

До крајот на главната туристичка сезона на охридското крајбрежје остануваат уште десеттина дена. Иако е сè уште рано да се сумираат резултатите, дел од експертите сметаат дека оствареното е под очекувањата, особено кога станува збор за странските туристи. Војната во Украина и економската криза се надворешните фактори кои влијаеја на ваквата состојба, меѓутоа голем придонес има и слабата промоција на туристичките саеми и на странските пазари. Иако имаме услови на макро и микроплан да понудиме туристички производи како бренд многу малку се прави на тој план.

„Туристичките производи не се на ниво на кое треба да бидат а тоа значи дека на микроплан хотелиерите и туристичките агенции треба да бидат активни, да понудат соодветни туристички аранжмани кои ќе бидат бројни и ќе ги инкорпорираат куриозитетите, естетските и знаменитите својства што ги имаме заедно со рекреативноста на просторот“, вели проф. д-р Науме Мариноски.

И неспроведувањето на стратегиите за развој на Охрид има негативно влијание врз туризмот. Тоа се случува и со последната стратегија која практично ќе биде неприменлива, бидејќи временскиот интервал од изработката до нејзина примена е многу тесен.

„Едноставно, треба да се размислува за нова стратегија која мора да биде баш на оние постулати кои се дадени во оваа стратегија затоа што тие во основа ја третираат заштитата на природната средина како приоритет и владеењето на просторот. Урбанизацијата не подразбира високи градби туку уреденост на просторот“, додава Мариноски.

Според Мариноски, стратегијата најверојатно не се спроведува од политички причини или поради некои недоразбирања со невладиниот сектор околу уредувањето на просторот, со што му нанесуваат дополнителни штети на туризмот во Охрид.

Сашо Нелоски