Африканската чума се прошири и во виничкиот регион
После пијанечкиот и кочанскиот, болеста Африканска чума е потврдена и во фарма во виничкиот регион, каде ќе бидат уништени од 300 до 400 свињи. Агенцијата за храна и ветеринарство со апел сточарите веднаш да пријават каква било промена на кај свињите – во Агенцијата или надлежната ветеринарна амбуланта…

Од триста до четиристотини свињи ќе бидат уништени само во фармите во атарот на Виничка Кршла, откако болеста Африканска чума се прошири и во виничкиот регион. Се работи за заболени грла во една фарма, но се уништуваат и свињите од соседните одгледувалишта во радиус од три километри. Од појавата на чумата Агенцијата за храна и ветеринарство уништила 137 свињи, најповеќе во Моштица, Македонска Каменица.
За уништените грла сточарите ќе бидат обесштетени, но потребно е навремено да пријават во Агенцијата или надлежната ветеринарна амбуланта каква било здравствена промена кај свињите. Специфични симптоми за Африканската чума нема, болеста се потврдува само лабораториски.
Африканската чума е закана за опстанокот на оваа гранка, сметаат сточарите, бидејќи болеста бргу се шири, а превентивно се уништуваат и здрави свињи.
Славица Величковска
