Младите се иселуваат од Велес, подобар живот бараат во земјите на ЕУ
Најголем одлив на население во велешко помеѓу двата пописи од 2002-ра и 2021-ва има на популацијата од 20 до 30 години, кај младите. Заминуваат поради работа, плата, нефункционирање на институциите и партизацијата на општеството...

Според пописот од 2002-ра година, Општина Велес броела 55.108 жители, пописот од 2021-ва покажа дека има 48.463 жители или помалку 6.645. Поголема смртност од наталитет, повеќе иселување внатрешно но и иселувањето од државата придонесоа за општината да има помал број жители.
Ако во 2002-та во Велес имало 4.400 жители на возраст од 20-24 години, 20 години подоцна, возрасната група од 40 до 44 години брои 2.700 жители. Или таа е најбројна возрасна група во општината, која бележи пад во населението од 1.700 жители. Но, не се бега само поради работа и пари, се бега во подобро општество, почиста животна средина, култура меѓу народот и функционирањето на институциите.
Во велешко, заедно со општините Градско и Чашка, според Агенцијата за вработување, во јуни годинава имало без малку 4.000 невработени. Од нив млади на возраст од 20 до 30 години се 1.3000 лица.
Преку лето голем број од младите во велешко сезонски работат во Хрватска и Црна Гора, во угостителството, како келнери, готвачи и собарки во тамошните летувалишта. За нив сезоната започнува од мај и трае до октомври.
Петар Печков
