Нема простор за паника, велат епидемиолозите за мајмунските сипаници
Денеска треба да има резултати од лабораториските анализи дали суспектниот 40-годишен кичевчанец кој со симптоми се врати од Австрија, е заразен со мајмунски сипаници. Епидемијата брзо се шири, во глобални рамки Светската здравствена организација го запали алармот. Вирусот се пренесува преку близок контакт. Има благи симптоми, исчезнуваат за најмногу четири недели, нема простор за паника – за МТВ вели епидемиологот Сашко Олумчев…
Простор за паника нема, инфицираниот треба да биде во близок и подолг контакт за да ги прошири мајмунските сипаници, велат епидемиолозите. Болеста се пренесува преку крв и други телесни течности. 99 насто од заболените се мажи, но лекарите предупредуваат секој може да се зарази.
Стручњаците не очекуваат оваа болест да стане проблем како што е коронавирусот. Надлежните изјавија дека има тестови и вакцини за мајмунски сипаници.
Комисијата за заразни болести веќе препорача изолација на сомнителните случаи за мајмунски сипаници до нивно тестирање, карантин на потврдените случаи до завршување на болеста или зацелување на крастите и секојдневно следење на контактите во инкубацискиот период од 21 ден. Побара од Министерството за здравство да ги преземе сите неопходни превентивни мерки.
Во Европа, најголем број на регистрирани случаи на мајмунски сипаници има во Шпанија, Германија и Велика Британија. Во регионов се присутни во Грција, Словенија, Србија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Наташа Јанчиќ Менковски
