Засега нема потврден случај на мајмунски сипаници во Македонија
Ова не е нов Ковид, нема место за паника се последните информации од Комисијата за заразни болести со кои претседаваше имунологот Петличковски. Иако нема законска обврска за тестирање, сепак јавното здравје е приоритетно. За сомнителниот кичевчанец, резултатите до крајот на неделата, велат во Комисијата…

Засега нема потврден случај на мајмунски сипаници во Македонија. Мигрантот по тестирањето е со негативни резултати, а за сомнителниот случај во Кичево сè уште се чекаат примероци. Ова лице, кое пред два дена се јавило на лекар со симптоми слични на оние од мајмунски сипаници, одбил да се тестира. За него на денешниот вонреден состанок на Комисијата за заразни болести побарано е да се искористи механизмот здравствен надзор.
Од Комисијата за заразни болести смируваат дека нема простор за паника и дека ништо драматично нема да се случи во однос на евентуалното ширење на болеста, со оглед на тоа дека не станува збор за корона вирус. При појава на симптоми, лицата треба да се јават кај матичен лекар.
Здравствените власти уверуваат дека се подготвени за евентуалната појава на мајмунски сипаници. Велат, постои протокол за згрижување, а има и доволно тестови, кои засега може да се направат само во Институтот за јавно здравје во Скопје.
Марија Котовска
