Мерките за справување со пандемијата во туристичкиот сектор не ги дадоа очекуваните резултати
Низок степен на реализација на антикризните мерки во секторот туризам, утврди Државниот завод за ревизија. Според ревизорите економските пакет мерки за справување со пандемијата, во која најпогоден беше туристичкиот сектор, не ги дадоа очекуваните резултати…

Мерките на владата делумно помогнаа за справување со кризата во туризмот. Ова денес го потврди Државниот завод за ревизија. Ревизорите утврдија низок степен на реализација на антикризните мерки во секторот туризам.
Ваучерите за туризам биле искористени 55%, грант за туристички водичи искористиле само 52%, поврат на туристичка такса само 48%. Најголема искористеност бележи грантот за туристички агенции со 68%.
Од хотелската асоцијација велат мерките не ги дадоа очекуваните резултати.
„Знаеме дека не добивме некоја голема помош, само се кажува дека се доби помош од владата за делот во годините со корона вирусот. Средствата не беа поделени подеднакво, кој колку плаќал данок претходно толку да добие помош во тие кризни години. Едноставно беа најдени некои други начини на исплати на помош и едноставно не беше поделено сразмерно да кажеме по заслуга“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.
Кризата ја уназади хотелско-туристичката индустрија, со двегодишни загуби изостанаа инвестициите во секторот.
„Ако се вратиме малку наназад и кажеме дека од короната најпогодени беше хотелската индустрија и каде што се очекуваше да има реинвестиции. Реинвестиции во години кае што немаше профит, каде што бевме во минус каде што сега треба да извадиме и да излеземе во некоја позитива и да очекуваме некакви добивки да закрепнеме и да направиме некои обнови“, додава Блажески.
Со анализата на Националната стратегија за развој на туризмот 2016-2021 и Акцискиот план 2019-2021, ревизорите констатираа дека не се следи реализацијата на планираните активности и незадоволителен е степенот на имплементација на активностите.
Утврдена е потреба од унапредување на институционалните капацитети, како и формирање на Комитет за туризам како орган од највисок ранг надлежен за туризмот во земјата.
Соња Рилковска
