Драмски театар Скопје со претставата „Кармен“ на фестивалот РУТА во Хрватска
Како што соопштија од Драмскиот театар Скопје, учеството на Биљана Драгичевиќ Пројковска со монодрамата „Кармен“ е нивен трет меѓународен настап со оваа претстава, по гостувањата на фестивалот РУТА во Сараево и Македонското културно лето во Албанија...

Со монодрамата „Кармен“, Драмскиот театар Скопје денеска ќе учествува на фестивалот РУТА. Членките од Регионалната унија на театри со своите претстави ќе гостуваат на отворената фестивалска сцена на Бриони во Хрватска, а домаќин на летново издание на фестивалот е театарот Улисис.
Фестивалската програма на Бриони е во рамки на театарско-музички проект на тимот на познатиот актер Раде Шербеџија, уметничката директорка Ленка Удовички и директорот Душко Љуштина. На фестивалот настапуваат познати театарски куќи и музичари од десетина земји.
Како што соопштија од Драмскиот театар Скопје, учеството на Биљана Драгичевиќ Пројковска со монодрамата „Кармен“ е нивен трет меѓународен настап со оваа претстава, по гостувањата на фестивалот РУТА во Сараево и Македонското културно лето во Албанија.
Монодрамата „Кармен“ е создадена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од Мигел Делибес, а својата премиера ја имаше во мај минатата година.
