Преговорите нема да можат да продолжат, доколку не се случат уставните измени
Франција ја разбра бугарската позиција, затоа со преговарачката рамка е предвидено, вклучувањето на Бугарите во Уставот да се случи пред вистинскиот почеток на преговорите, изјави бугарската потпретседателка Јотова за БНТ. Државниот советник во македонскиот Секретаријат за европски прашања, Драган Тилев признава дека е тоа голем товар и предизвик, но вели, не смее да се остави долго да тлее. Известителот за земјава во Европскиот парламент, Илхан Кучуќ, гледа шанса да се подобрат односите меѓу Скопје и Софија...

„Мораме да бараме можности како да продолжиме оттука, а несомнено можности има многу“, смета бугарскиот европратеник и известител за земјава во Европскиот Парламент, Илхан Ќучук. Според него, Скопје и Софија го достигнаа најниското ниво во меѓусебните односи, двата народи не се познаваат доволно и оттука произлегуваат проблемите. Ќучук смета дека во францускиот предлог се опфатени сите точки кои ги засегаат Скопје и Софија и затоа постигнатиот компромис е можност.
„Сега на ред е големата тема како да излеземе од таа криза. Таа криза не треба да се користи во политичката реторика во Северна Македонија и Бугарија, туку да се сработи и да се изнајдат неопходните гаранции за повторно да не се дојде во иста ситуација“, изјави Ќучук.
„Ситуацијата во Северна Македонија е комплицирана и секој што мисли дека работата е завршена е наивен“, вели потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова. Според неа, Франција ја разбрала бугарската позиција и затоа со преговарачката рамка е предвидено, вклучувањето на Бугарите во Уставот да се случи пред вистинскиот почеток на преговорите, изјави Јотова за БНТ.
„Ќе има неколку инспекции од Европската комисија, неколку извештаи од евалуацијата на советот, каде Бугарија ќе мора секој пат да потсетува на својот став. Но, по сето тоа што се случи во овој многу тежок преговарачки процес со бројни средби, разговори и дијалог, мислам дека Европската комисија и земјите во советот ќе бидат доволно внимателни. Никој нема корист од враќањето на работата на почетна позиција, најмалку нашите соседи од Северна Македонија, затоа што тие треба да бидат дел од европското семејство“, нагласи Јотова.
Државниот советник за европски политики во Секретаријатот за европски прашања, Драган Тилев за МИА појаснува дека геополитичката констелација на состојбите налага да се размислува рационално и да се одлучува брзо, но и исправно, во интерес на државните и националните приоритети.
„Сосема е јасно, од заклучоците на Советот и од изјавите на политичките челници на ЕУ дека преговорите нема да можат да продолжат, доколку не се случат уставните измени. Тоа е голем товар за нашето општество и голем политички предизвик, кој не смее да тлее долго“, вели Тилев.
Тилев смета дека од формално-правен аспект, нема дилема оти за нас преговорите веќе се започнати со отворањето Меѓувладината конференција.
Миле Ристески
