Македонија

Дрва за огрев во велешко нема, а цената висока

12.08.2022 12:31

Цените на огревното дрво високи, него го нема по складовите. Граѓаните реагираат, продавачите се бранат дека сите трошоци за работа се зголемени, нема сечачи по планините, си заминале во Италија. Ќе се задоволат ли потребите на граѓаните со огревно дрво, пред да почне грејната сезона?

Граѓаните се жалат, цената на огревното дрво е висока, но и со така висока цена го нема по складовите. Цената се движи од 2.500 денари во ШС Бабуна каде ретко се наоѓа до 3.500 и 4.000 денари за просторен метар, во приватните складови.

Со тоа кога ќе се додадат редовните трошоци за превоз, сечење, складирање на дрвото, во некои случаи стигнува и до 4.500 денари за просторен метар. Граѓаните стравуваат дека со доаѓањето на дождливиот период наредниот месец, ќе нема можност за сечење на дрва по планините и ќе нема на што да се греат зимава.

Според сопствениците на приватните складови, причината што огревното дрво го нема, е доцното објавување на тендерите за сеча на шумите, годинава во мај, наместо како претходните години во февруари. За поскапувањето на цената на метар просторен, објаснуваат дека причината е високата цена за гориво кое го трошат камионите превозници и пилите за сечење, но и цената на работата сила која и ја нема.

Со покачувањето на цената на огревното дрво, се качија и цените на пелетите од 180 на 350 за една вреќа и на брикетите од 17 на 22 денари за килограм.

Според истражување на Хабитат од 2019-тата во градот Велес, 61 отсто од семејствата се греат на дрва. Владата вчера одлучи да ја замрзне маржата, до крајот на годината, за огревното дабово и букови дрво и за пелетите.

Петар Печков