Шумските пожари низ Европа продолжуваат да беснеат
Повеќе од илјада пожарникари се борат со пламените јазици коишто веќе трети ден немилосрдно ја голтаат боровата шума на југозападот од Франција. Пеплосани се над 7.000 хектари во Жиронд и соседниот регион Ландес...

Осум шумски пожари горат во Франција. Најсериозна ситуацијата во Жиронд. Повеќе од илјада пожарникари се борат со пламените јазици коишто веќе трети ден немилосрдно ја голтаат боровата шума на југозападот од Франција. Пеплосани се над 7.000 хектари во Жиронд и соседниот регион Ландес. Уништени се десетици куќи, а илјадници луѓе принудени да заминат. Топлото и суво лето, не им оди во прилог на пожарникарите.
„Тоа е пожар што се шири исклучително брзо. Екстремно брзо го менува правецот поради климатските услови, а тоа не принудува и нас да ја менуваме оперативната стратегија“, изјави капетан Матју Жамен, пожарникар од Жиронд.
Исцрпени продолжуваат да спасат што може да се спаси.
„Мојата куќа е спасена и безбедна, за среќа“, вели жител на Жиронд.
Некои, сепак, немаа таква среќа. Изгубија се, но се благодарни што успеале да спасат жива глава.
„Беспомошни сме. Мислевме дека сме силни, но сме беспомошни. Ќе бевме мртви ако немаше толку многу луѓе да помогнат“, вели евакуиран жител.
Пожарникари од цела Европа дојдоа на помош да го скротат, како што го нарекоа властите-„чудовиштето“ што продолжува да гори надвор од контрола. Два грчки авиони-цистерни пристигнаа заедно со два шведски ертрактора, 64 пожарникари од Германија, 146 од Полска и повеќе од Австрија и Романија. Според ревидираните процени на властите од јуни годинава, пожарите во Франција уништиле повеќе од 57.000 хектари.
Рекордно високите температури и суша во Европа, предизвикаа пожари и во делови од Шпанија. Голем шумски пожар е активен од синоќа и во источниот дел на грчкиот остров Тасос. На терен интервенираат стотина пожарникари со 33 возила, шест авиони и исто толку хеликоптери. Гори и во Црна Гора кај Котор и над Каменар. Пожарот меѓу Бар и Сутоморе, над Црвена Плаза е ставен под контрола.
Бојана Крстевски
