АХВ

Регистрирани вкупно шест случаи на африканска свинска чума во земјава

12.08.2022 13:57

На удар се малите одгледувалишта со по една, две или три свињи за домашна употреба, кои не применуваат биосигурносни мерки. Агенцијата за храна и ветерина апелира навреме да се пријави секој сомнителен случај.

Во земјава има шест случаи на африканска свинска чума. Од 6-ти јануари, кога болеста за првпат се појави во делчевското село Драмче, досега се регистрирани случаи и во Моштица, Мојанци, Пресека, Тркање и Виничка Кршла.

На удар се малите одгледувалишта со по една, две или три свињи за домашна употреба, кои не применуваат биосигурносни мерки. Агенцијата за храна и ветерина апелира навреме да се пријави секој сомнителен случај.

Големите фарми не се во регионот што е сега зафатен со африканска чума. Се работи за поединечни случаи. Потсетуваме дека сточарите ќе добијат отштета само доколку пријават сомнително и заболено животно кај кое ќе се потврди присуството на болеста, а не и за угинатите животни. Ако случаите не се пријават, на одгледувачите не им следува финансиски надомест. Отштета не следува и за свињите кои се чуваат на отворено, спротивно на забраната, кои ќе бидат одземени и нештетно отстранети на товар на одгледувачот, рече директорот на АХВ, Николче Бабовски.

Бабовски уште еднаш повика граѓаните да не се грижат, зашто африканската чума не е опасна за луѓето, ниту месото од заболените свињи е штетно, но болеста може да се шири зашто вирусот останува активен во свежото месо.