Тестиран пациентот од Кичево, се чекаат резултатите од лабораториските анализи
Се чекаат лабораториски анализи по тестирањето на кичевчанецот за кој има сомнеж дека е со симптоми на мајмунски сипаници. Лицето кое пред неколку дена се врати од Австрија одбиваше да се тестира. Откако надлежните не успеаја да стапат во контакт со него, примерок е земен со решение за здравствениот надзор од Министерството за здравство. Изолиран е до објавување на резултатите…
По неколку дена натегање со здравствените власти, кичевчанецот неодамна вратен од Австрија, а сомнителен на мајмунски сипаници, конечно дал биолошки материјал за да се утврди дали е инфициран од вирусот. Од Комисијата за заштита од заразни болести, велат дека лабораториските анализи ќе покажат дали земјава ќе го добие првиот случај на оваа инфекција.
Претходно, Комисијата посочи дека на пациентот од Кичево му било понудено да се тестира, но тој ги одбил, а тие немале законска можност да го присилат. Побараа, а министерот за здравство одобри, здравствен надзор врз пациентот. Информацијата ја дополнуваат и од Министерството за здравство, од каде за МТВ велат:
„Од Центарот за јавно здравје Битола веќе е земен примерок за анализа од пациентот од Кичево за кој беше препорачано тестирање. Веднаш по обработка на земениот брис во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, јавноста ќе биде информирана за резултатот од земениот брис“, се вели во одговорот.
Во врска со овој случај, опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со став дека не постои третман и протокол за постапување со сомнителните случаи. Прашаа-дали министерот Сали ќе понесе одговорност, ако заразата се прошири.
Надлежните велат дека состојбата се следи, а граѓаните да бидат спокојни, бидејќи инфекцијата со мајмунски сипаници не се шири лесно како Ковид.
Анита Димитријевска Велковска
